• E-MAIL
  • /   Сподели
da4

Даниела и Атанас

Динамичниот живот исполнет со милион обврски, не би можел да се преживее без потребната поддршка и љубов.

Безброј енигми и прашања. Дали сме со вистинската личност? Дали дневните грижи исчезнуваат во моментот кога ќе ја поминеме првата минута со нашата сродна душа.

Не постои совршен начин за пронаоѓање на вистинската личност. Сè зависи од тоа колку самите вложуваме и веруваме во личните постапки и инстинкти. Љубовта е нешто што константно се надополнува, надоградува со моменти, спомени, насмевки, искуства и комуникација со цел да се оствари и одржува таа нераскинлива и цврста врска.

„Животните приказни и искуства нема да бидат толку значајни ако не се споделат со соодветната личност. Чувството е неизмерно кога можеш секоја секунда, секое искуство и секој момент да го споделиш со саканата личност, знаејќи дека ќе бидеш сослушан, и искрено советуван за било која тема од секојдневниот живот. Сето тоа, укажува на тоа дека заедно живееме, заедно се стремиме и заедно напредуваме во секоја смисла, а тоа е и суштината на љубовта и разбирањето во една врска, односно брачна заедница. Мотивацијата и инспирацијата да се пронаоѓаш континуирано себеси во различни ситуации и искуства е доволен знак дека сè што се случува околу тебе е според вистинскиот и соодветниот ред и редослед.“

Стресниот тек на живеење во денешно време ја наметнува заблудата на поистоветување на потребата и љубовта, сепак тоа е најголемата можна заблуда што постои. Потребата произлегува чисто од чувството на осаменост и потреба од одредена личност да биде присутна во животот, но сето тоа би било наменето за краток рок и без одредена поврзност или значење. Додека пак, љубовта самата го налага чувството на исполнетост и задоволство и се однесува на долг рок со забележителна поврзаност, значење и сплотеност на две човечки души во една брачна заедница како ЕДНА целина.

„Љубовта секогаш има отворени раце. Отворените раце допуштаат таа да дојде и да си оди кога и да посака, слободно. Ако се обидувате да ја заробите љубовта, ќе сфатите дека ја чувате само за себе. Љубовта е спонтана и желна за изразот на радоста, убавината, вистината па и солзите. Љубовта живее во моментот; не се губи во минатото и не тежнее спрема иднината. Љубовта е СЕГА!“– Лео Бускалија